Собранието на Република Македонија по дводневната расправа ја изгласа довербата за новата Влада предложена од Никола Груевски.

Со 70 гласа „за“ и 47 „против“ Парламентот му довери нов четири годишен мандант на премиерот Никола Груевски и владиниот состав
Довербата за продолжување на реформите и започнатите проекти ја добија и предложените министри, кои заедно со премиерот потпишаа свечена изјава.
Во новата владина програма предвидени се проекти и мерки кои ќе придонесат за забрзан економски развој, интегрирање на државата во НАТО и ЕУ и продолжување на реформите во сите сектори.
Сега веќе и официјално вицепремиерските места од редовите на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги водат Зоран Ставрески и Владимир Пешевски.
Муса Џафери и Теута Арифи се новите вицепремиери за спроведување на Рамковниот договор и за евроинтеграции од ДУИ.
Ставрески истовремено ќе ја извршува и функцијата министер за финансии.
Досегашната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска продолжува да ја води полицијата. Миле Јанакиески останува на чело на Министерството за транспорт и врски, како и досегашниот министер за информатичко општество и јавна администрација, Иво Ивановски.
Македонската дипломатија ќе ја води Никола Попоски, а за министер за здравство е изгласан Никола Тодоров.
Фатмир Бесими ја презема министерската функција во одбраната, а Валон Сарачини ќе ја води економијата, Невзат Бејта - локалната самоуправа, а за министер за правда е изгласан Блерим Беџети.
Панче Кралев е новиот министер за образование и наука. Со Министерството за земјоделство останува да раководи Љупчо Димовски. Министер за труд и социјална политика е Спиро Ристески.
Министерството за култура и натаму ќе го води Елизабета Канческа-Милевска, додека на чело на министерството за животна средина и просторно планирање застанува Абдулаќим Адеми.
Министри без ресор остануваат Неждет Мустафа, Хади Незир и Веле Самак, а новиот министер без ресор за странски инвестиции е Бил Павлески.
Груевски е шести премиер од независноста на Македонија кој доби трет последовен мандат по победите на неговата партија ВМРО-ДПМНЕ на изборите во 2006, 2008 и 2011.
Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов вечерва организира прием на членовите на новоизбраната Влада.
Досегашните министри, пак, утре ќе им ги примопредадат мандатите на новоизбраните челници на министерствата.
По доставувањето на имињата на замениците министри од страна на премиерот Груевски, Собранието ќе расправа на седницата која е закажана за утре.