
На прес-конференцијата што се одржа во Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Кочани претседателката Бети Кузмановска пред новинарите истакна дека од изутринава масовно е преминувањето на членови од овие три партии во ВМРО-ДПМНЕ.
Според неа, досега се потпишани 1.200 пристапници. - На наше огромно задоволство ги примаме членовите од кои поголемиот дел беа и поранешни наши членови. Ние сме отворена партија и сме подготвени да ги примиме сите оние кои сакаат да бидат дел од нашата победа, истакна Кузмановска.
Благој Атанасов од ВМРО-НП преминот во ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата го образложи со неговото незадоволство на неусогласувањето внатре во партијата, личните интереси и, како што рече тој, смета дека во оваа партија ќе му биде подобро.
Катерина Стојкова од партијата Обединети за Македонија изјави дека по митингот на Љубе Бошкоски во Кочани и неговата изјава дека ќе коалицира со СДСМ, како што рече таа, јас и целото семејство, како и блиските роднини, разочарани денеска пристапивме на ВМРО-ДПМНЕ.
Васка Божинова од СДСМ во изјавата пред новинарите истакна дека е незадоволна од досегашното нејзино членување во СДСМ бидејќи партијата работи со погрешни идеи и нема успех, па затоа се определила таа и семејството да преминат во ВМРО-ДПМНЕ.
Исто така, членови од ВМРО-НП од повеќе месни комитет во општина Ново Село преминаа во ВМРО-ДПМНЕ
По тој повод денеска во Струмица прес-конференција одржа претседателот на Општинскиот комитет на ВМРО-НП од Ново Село Ѕвонко Аризанов.
- По изјавите на највисокиот раководен врв на ВМРО-Народна партија дека општинските комитети на ВМРО-НП по изборите повеќе сакаат да коалицираат со СДСМ отколку со ВМРО-ДПМНЕ, јас како претседател на ОК на ВМРО-НП од Ново Село не можам да се сложам со таквата констатација и не можам да работам за СДСМ и за Бранко Црвенковски. Затоа се вратив во својата матична партија ВМРО-ДПМНЕ, а тоа го направија и поголем број членови од месните комитети на ВМРО-НП во општина Ново Село, изјави Аризанов.
Тој ги повика сите членови од месни комитети, кои се уште се двоумат, да се вратат во ВМРО-ДПМНЕ и да не учестрвуваат, како што рече, во непринципиелниот начин на работа на централата на ВМРО-НП од Скопје.
- Додека Бранко Црвенковски беше на власт во деведесетите години пет пати не тепаше, а сега од нас се бара да го вратиме на власт. Ние во таквата нечесна игра нема да учествуваме, додаде Аризанов, кој рече дека само од Месниот комитет на ВМРО-НП во Ново Село 80 насто од членовите изразиле желба да се вратат во редовите на ВМРО-ДПМНЕ.